Која е првата слика што ја имате кога ќе се спомне некоја компанија?
Решавате да отворите фирма со комплетна идеја за нејзината дејност и следно нешто е да смислите име за неа. Во повеќето случаи кај нас тоа го прават компаниите интерно, без многу размислување, најчесто (што е и најсмешно) со првите иницијали или комбинација од имињата на газдата или газдите. Во светот тоа може и да звучи моќно доколку сте Mercedes Benz или Hewlett Packard.
Името на една компанија е нешто со што почнувате и ќе ве влече нагоре или надолу во целото постоење. Затоа, тоа треба да биде креативно, кратко, јасно и да асоцира на дејноста на компанијата. Тука има и други параметри што секако треба да се согледаат: како ќе се пишува на латиница, да е едноставно и звучно, најдобро да почнува со првите 5 букви од азбуката, да биде моќно и употребливо и кога вашиот бизнис ќе се прошири, итн. Исто така пред крштевка треба да се провери и дали постои тоа име или слично во вашиот сектор, дали веќе некој го има заштитено името, дали има слободен домеин за вашaтa веб страна (без којшто веќе не може да се замисли функционирање). Секако дека е најдобро да се даде оваа работа да ја завршат професионалци, на коишто тоа им е работа 😊, но доколку вие го преземате првиот чекор, имајте на ум дека пазарот треба претходно темелно да се истражи.
Сега веќе го имаме името. Совршено. Но што понатаму? Најбитниот впечаток е првиот, нели? Битно ни е како ќе се претставиме пред светот, како тој ќе нѐ запамети. Е па, најбитното нешто на почеток и во текот на целиот живот на компанијата, за оставање впечаток што ќе се памети и за креирање совршен корпоративен идентитет е ЛОГОТО ! Тука не смее да се згреши! Тоа треба да е толку совршено што ќе биде едноставно, минималистичко, може и типографско, но сепак да ја раскажува целата приказна и дејност на компанијата.
Многумина сѐ уште сметаат дека тоа и не е така битен дел од компанијата, дека најбитно е да работи фирмата и да носи големи приходи, а логото, ќе го ставиме колку за да го има. Погрешно! Многу погрешно!
Логото е основата на вашиот идентитет, ве одвојува од конкуренцијата, треба да остави моќно влијание на надворешниот свет. Светот се вашите клиенти, тие треба да се поврзат со логото, со вашиот идентитет, со вашите производи или услуги.
Тоа е основата на целиот корпоративен идентитет на една компанија, како и најголемата реклама за неа понатаму. Поставувајќи го на сите промотивни материјали, пакувања, производи, социјални медиуми, веб страна, логото е најдобриот начин доследно да го рекламирате вашиот бренд или кампања. Ако вашата корпоративна порака ја поврзете со добро конципирано лого, вие добивате совршена комбинација каде што, сѐ што правите се поврзува со логото и брендот.
Погледнете наназад и сетете се на децениските логоа кои сѐ уште совршено функционираат. Сите се едноставни, чисти и ја раскажуваат својата приказна. Немате потреба да го прочитате името на Nike, Apple, Mercedes Benz, Microsoft, Audi за да знаете за кого се работи. Доволно е само да го погледнете логото.
Затоа, посветете внимание на вашиот прв впечаток !