Во обид да го напишам мојот прв блог досега со наслов „Креативно одложување“, морав сама да си дадам рок, бидејќи немаше. Така, денес, во недела, на датумот на мојот замислен рок, почнав полека да се спремам за моето пишување, одејќи на интернет и целосно избегнувајќи го пишувањето со полагање тест, за да го проценам своето одложување.
Ова беше резултатот:
*Јас сум професионален-одложувач!
Вашата сопствена тенденција за одложување може да ја проверите тука: https://procrastinus.com/procrastination/measure-my-procrastination-3/
Додека сте таму, разгледајте ја подетално веб-страницата, нуди интересни информации и линкови за понатамошно читање, бидејќи веројатно веќе одложувате со читање на овој блог.
И ова беше советот што следува:
Но, не очајувајте! Ако излезе дека сте хроничен одложувач како мене, тоа воопшто не мора да биде лошо. Всушност, ова веќе го знаев за себе и со текот на времето открив дека тоа е клучен дел од мојот креативен процес, и ако и вие работите во некоја од креативните индустрии, оваа особина може да биде најдобрата за успех.
Ајде да го разгледаме ова чекор по чекор.
Што значи да си одложувач и кои видови можеме да ги разликуваме?
Зборот одложувач (превод од англиски procrastinate) потекнува од латински: procrastinare, pro– со значење „напред“, во комбинација со –crastinus со значење „до следниот ден“ од cras со значење „утре“.
Одложување (анг. procrastinate) е избегнување на извршување задача што треба да се заврши до одреден рок. Може да се доопише како навика или намерно одложување за почеток или завршување на задачата, и покрај тоа што знаеме дека може да има негативни последици. Така пишува „Википедија“ – првата дефиниција што се појавува во онлајн-резултатите за зборот. Значи, најчесто се зема предвид и се претставува во негативна конотација. Но, кога ќе ги погледнеме видовите на одложување диференцирани од Стил (Steel) и Клингзик (Klingsieck), можеме да видиме дека сите не се негативни и воедно, сите може да се претворат во позитивни со воведување на некои нови навики. Видовите/типовите се поделени вака:
- Авантурист
- Избегнувачи
- Неодлучни
- Импулсивни
Овие четири типа се засновани на истражување и податоци во областа на академско одложување. Постојат многу различни студии што различно ги класифицираат типовите одложување. На пример, Адам Грант (Adam Grant), ги класифицира луѓето во целина, како:
⦁ Предодложувачи (Precrastinators)
⦁ Оригинални
⦁ Екстремни одложувачи
Предодложувачи се панични чудовишта, кои ги завршуваат задачите дури и неколку месеци пред рокот. Екстремните одложувачи се епитом на зборот одложувач, а оригиналните пак, се тие што се наоѓаат на најпосакуваната точка на кривата на одложување. Тие се од добриот вид одложувачи. Погледнетe подетално зошто овие луѓе се опишуваат како оригинални: https://youtu.be/fxbCHn6gE3U. Со други зборови, тие се луѓето што практикуваат активно одложување, познато и како структурирано или позитивно одложување, според именувањето на Чу (Chu) и Чои (Choi), Џон Пери (John Perry) и Пирс Стил (Piers Steel), по тој редослед соодветно.
Името настрана, овие термини ги опфаќаат позитивните придобивки од одложувачките навики.
Пред да продолжиме, да ја погледнеме анкетата на која и јас гласав:
Речиси половина од гласачите (48,47%) сметаат сметаат дека нивното одложување е навистина штетно. Јас, од друга страна, им припаѓам на 2,55%, кои мислат дека одложувањето е корисна навика. Да бидам фер, истовремено таа е и многу МНОГУ вознемирувачка. Може да биде корисна и за вас, доколку се управува и структурира правилно, па да видиме како.
Креативно одложување. Што значи и како да го постигнеме?
Доколку не сте одложувач, веројатно замислувате дека мојот работен ден/работна недела изгледа некако вака:
Но, тоа важи само за линеарен поглед на времето, во кое постои САМО ЕДНА задача што треба да се заврши. Во реалноста, на работа и надвор од неа, ние управуваме со повеќе задачи со различни почетни позиции/датуми и различни крајни рокови. Оттука, графиконот подолу би бил поточен приказ на еден активен одложувач.
Креативното одложување генерално е дефинирано како одложување на работите до последната минута, но со пресврт – да се одложат работите до најдоброто време. Зошто?
Студиите покажуваат дека креативните одложувачи тоа го прават намерно, свесно или несвесно. Тие ретко прават апсолутно ништо и додека активно ја избегнуваат задача, завршуваат други полесни задачи што овозможуваат простор за созревање на потешките задачи. Ова се заснова на принципите на бихејвиоралната психологија. Ваквиот однос му дозволува на мозокот да ги обработува информациите повеќе пати, да прави неортодоксни врски и да генерира оригинални идеи. Некои луѓе дури имаат потреба и да уживаат во напливот од адреналин во трката со времето, што ги принудува да произлезат со неочекувани решенија за проблемите.
Како да бидеш подобар одложувач?
Кога ќе се соочите со проблем што можеби ви е стимулирачки за решавање, но можеби и здодевен, СЕКОГАШ најпрвин осигурајте се да ги добиете сите потребни информации за завршување на задачата. Тоа ви овозможува да ги обработувате информациите потсвесно додека во меѓувреме работите или правите нешто друго.
За авантуристите. Секогаш имајте краен рок. Доколку немате зададен рок, самите одберете и зацртајте еден. Тоа ќе ви овозможи да ги имате тие нивоа на стрес како што посакувате, полнејќи ве со креативност.
Измамете се. Направете список. Ставете неколку тешки задачи што звучат многу важно на врвот на списокот и вашите вистински задачи на дното. Тоа ќе ве натера да ги прескокнете „невозможните“ задачи на врвот и да почнете со дното од списокот. „Вршењето на овие задачи станува начин да не се прават работите погоре на списокот“, вели д-р Пери (Perry).
За перфекционистите. Не сомневајте се во себеси, сомневајте се во идејата. Сомнежите се добредојдени. Тие поттикнуваат повеќе одговори на некој проблем. Обидете се да ја водите вашата идеја од несовршена кон совршена. Не себе.
Предодложувачи и/или неодложувачи, ова е за вас. Обидете се да разберете дека секој има различен работен тек и работни навики. Всушност, и цел еден поинаков поглед на светот. Запознајте ги со вашите, но не им ги наметнувајте, тоа едноставно нема да функционира.
И за крај, некои познати креативни одложувачи за вашите идни изговори:
- Леонардо да Винчи – уметник и изумител
- Даглас Адамс – писател
- Самуел Тејлор Колриџ – поет
- Моцарт – композитор
- Франц Кафка – писател
- Стив Џобс – коосновач на Apple Inc.
- Самуел Џонсон – писател
- Џин Фаулер – сценарист
- Маргарет Атвуд – писателка
- Герхард Рихтер – уметник
- Френк Лојд Рајт – архитект
- Херман Мелвил – писател
- Виктор Иго – поет и новелист