„Визија без акција е сон. Акција без визија е кошмар”
Јапонска поговорка
На вашата компанија и на вашите брендови потребна им е визија. Од визијата произлегуваат цели и стратегија. За стратегија е потребен план, а планот води во акција.
Треба да изработите детален маркетинг план кој ќе ви влее почетна сигурност, пред да започнете со била каква активност врзана за вашиот бренд. Доколку не воведувате нешто ново, нешто побрзо, поевтино, поразлично, размислете два пати пред да го лансирате производот или услугата на пазарот.
Или размислете добро дали ги имате обработено следниве чекори во вашиот маркетинг план.
Анализа на состојбите на пазарот и опкружувањето – Компанијата мора да ги испита макроелементите на опкружувањето: економски, политичко – правни, технолошки, социјално културни. Дополнително, треба да се разгледаат и сите актери – учесници во процесите – компанијата и партнерите, конкурентите, дистрибутери, добавувачи. Направете темелна SWOT анализа и внимавајте, SWOT анализата може неоправдано да ги нагласи внатрешните фактори и да ви ја замати идентификацијата на надворешните опасности или можности. Во оваа фаза размислувајте од надвор кон внатре, а не обратно.
Поставување на цели – По анализа на состојбите, идентификација на приликите и можностите, на ред е поставување на целите. Нека бидат долгорочни, рангирајте ги по приоритет и поставете рокови. Долгорочните цели ги содржат и краткорочните микро-акциски цели кои тековно мора да ги менаџирате. Понекогаш од нив зависи комплетниот успех на долгорочно поставените цели.
Стратегија и тактики – Кога веќе ги имате поставено целите, почнете да размислувате за стратегијата со која ќе ги постигнете. Со стратегијата всушност треба да го прецизирате најефективниот начин на делување за остварување на целите. Детално разработете ги 4П,7П, (пронајдете и ваше ново П 😊 ) конкретизирајте ги акциите, издадете задолженија на сектори и поединци и поставете конкретни рокови.
Буџет – Направете анализа на финансиските средства кои ќе ви требаат во остварување на целите. Обидете се што попрецизно да го дефинирате буџетот кој ќе ви биде потребен успешно да го остварите планираното. Не заборавајте – маркетинг буџетот е инвестиција, а не трошок.
Контрола – Контролата е клучна. Не заборавајте да поставите стандарди, да дефинирате очекувања, рамковни бројки и рокови кои ќе ви помогнат во контрола на процесите при остварување на целите. Доколку има отстапки од зацртаните предвидувања, не се двоумете и да направите измени и да ги ревидирате планираните активности. Не заборавајте дека пазарите се жива материја на која мора да се прилагодувате. Бидете будни и реагирајте тековно!
Сфатете го планирањето како процес на осознавање, креирање, учење. Вклучете ги сите професионални кадри на вашата компанија од различни сектори. Отворено и безрезервно слушнете го образложението на нивните идеи. Доколку почувствувате потреба, побарајте и стручна помош од маркетинг професионалци и консултантски агенции. И балансирајте – не сакате да ви се случи повеќе време да изгубите на креирање на планот отколку на спроведување на истиот. Затоа, планирајте го своето работење и работете на вашиот план, бидејќи победници се оние брендови кои кои ќе спроведат вистински активности – ЕФЕКТИВНО, на подобар начин – ЕФИКАСНО.