Досега сите веќе го прифативме фактот дека оваа година е ненормална, најблаго кажано. Овој силен аргумент донесе со себе 1001 една промена. Првите две најважни промени – да носиме маска и да држиме физичка дистанца повлекоа уште еден куп промени во секојдневието и опкружувањето. Нов пристап кон сопствените навики, стил на живот, организација на времето, грижа за здравјето… поинаков поглед кон себе, кон најблиските, кон светот околу нас,… you name it… Околу нас во еден момент се случуваа мал милион хаоси кои некако требаше да се преживеат. И да, промените се секогаш врзани со факторот време. Овој пат мислам дека факторот е брзина. Брзи одлуки, брзи решенија, брзо размислување, брзо делување – брзо прилагодување. Брзо прифаќање…
Прилагодувањето на секој нов хаос почнав да го доживувам како мускул кој редовно треба да се вежба. И идејата дека „ќе се вратиме во нормала“ не ми е веќе блиска. Никаде не се враќаме, едноставно одиме понатаму во непознатото, какво и да е тоа – со надеж дека ќе биде добро, можеби и подобро, но прилагодувајќи се брзо!
Наметнатите промени и брзото делување се пренесоа и на нашето работење. Брза реорганизација, будно следење на информациите, стопирање на планови, правење на нови, микро менаџирање, куп одложувања, нови рокови, и нови рокови и нови… А роковите се како добро утро за нас кои работиме во маркетинг агенциите… Рокови кои мора да се запазат и стигнат за клиентите. За да ни биде што поинтересно оваа година, кај нас во Кликер во ноември дополнително моравме да сработиме два големи проекти кои се наши, на редакцијата на Инсторе и на Кликер Маркетинг. И специјалната едиција 100 MUST HAVE брендови на полица и најголемиот трговски настан на пазарот 6 FMCG Summit беа во ноември, на растојание од само неколку дена. Можете да си замислите како сето тоа изгледа во овие услови. Брзајќи кон роковите и решавајќи попатно еден куп работи, во еден момент одлучивме дека сакаме да имаме нова комуникација за Кликер Маркетинг која ни треба и која ќе сакаме да ја комуницираме на самитот. Во петок се договоривме дека ќе седнеме во вторник да поразговараме за некои идеи… Во вторникот вечерта, кога веќе бев дома сфатив дека ние не седнавме, не разговаравме, не се договоривме. Едноставно приоритетите и роковите си го направија своето. Ме фати блага паника на која веќе се навикнав и почнав да размислувам за сите наши проекти. Креативни решенија за пакувања, имиња на веќе етаблирани брендови, осмислување на логоа, на комплетно нови визуелни стратегии. За сите нив сме почнале од нула, од почеток, од точка, од идеја која била само апстрактна мисла во нашите мозоци… From scratch… Ми се допадна ова from scratch и веќе почнав да визуелизирам како би изгледала една анимација. Некаде околу десет вечерта напишав маил до Верица ….. На бела позадина се појавува молив или рака со молив која по неколку шкртки исцртува тегла Гурмано. Цртежот од стриповски дизајн се пополнува во фул полна фотографија од една Гурмано тегла и на крајот би се појавил испис From scratch, designed by Kliker!….
Ја видов анимацијата, си ја визуелизирав јасно и во мојата глава беше полн погодок. Кратка и силна порака, дека сѐ за нашите клиенти почнува од нула, од почеток, од една единствена идеја која ја развиваме во име, лого, пакување, каталог, постер, сталажа, реклама, кампања… Супер слоган кој се поврзува со нашата предизвикувачка кликерашка мантра Dare us!
Веќе наредниот ден тимски поразговаравме за идејата, се согласивме дека е одлична и дека треба да ја реализираме. Ана и Силвија од дизајн ја оживеаја идејата во неколку анимации. Претставивме само неколку брендови на нашите клиенти за кои сме почнале и сме реализирале креативни решенија from scratch…
Слоганот и визуелното решение се толку едноставни, а сепак толку јасни. Креативното решение го задржува вниманието на гледачот, а пораката е кратка, јасна и силна. Минималистички спакувано и во духот на less is more! Дополнително, ваквото решение остава простор и доколку има потреба да се надгради, адаптира, разигра или надополни, а да ја задржи својата смисла и основната порака.
Успеавме да направиме четири вакви анимации до почетокот на самитот (буквално четвртата анимација се рендаше ноќта пред настанот) и да ги искомуницираме. Имавме одлични реакции за настанот воопшто, а не изостанаа и фантастични коментари за анимациите From scratch by Kliker!
Реагиравме смело, брзо и решително. На онаа поговорката дека кај грнчарот нема грне, и направивме пресврт 😊. Кај грнчарот едноставно мора да има грне, и тоа мора да биде најубаво, репрезентативно, да го отсликува мајсторството на грнчарот.