Развојот на комплетно нов бренд претставува голем предизвик и одговорност, но и радост, бидејќи имаме можност да создадеме нешто сосема ново, да се реализираме преку она во што сме најдобри.
Во теорија, развојот на нов бренд почнува со поставување на главните бизнис-цели, определување на целната група, истражување на пазарот, позиционирање на идниот бренд, осмислување на пораката на брендот, името, логото, слоганот, целиот дизајн и завршува со поставување на маркетинг-стратегија за неговото понатамошно комуницирање. Но, во пракса не е секогаш така. Некои чекори се скокаат, некои редоследи се менуваат, некои информации недостасуваат. А крајниот производ треба да е исто толку добар, како да сме го изоделе целиот пат, без ни мало скршнување.
Таков беше и случајот со развојот на брендот Allegra. Клиентот, имајќи големо искуство во продажба на тоалетна хартија и хартиена галантерија, одлучи да го искористи своето знаење во развој, производство и позиционирање на свој сопствен бренд. Ни се обрати со барање да осмислиме целосно нов бренд, чии производи ќе бидат со висок квалитет и средно-висока ценовна поставеност. Добивме скоро точен список на видови производи кои новиот бренд ќе ги има во своето портфолио и отприлика тоа беше сѐ. Една сложувалка која требаше да ја решиме на најдобар можен начин.
Почнавме со анализа на пазарот и на постоечката понуда кај нас. Toa што го воочивме како заедничко кај брендовите кои веќе беа на полиците на нашите маркети, е токму она кое се обидовме да го избегнеме, за да постигнеме оригиналност и препознатливост. Лелеави форми, слатки маскоти, имиња поврзани со мекост се најчестата комуникација за оваа категорија на производи.
Нашата идеја беше да избегаме од стереотипите и затоа одлучивме да пробаме да направиме весел, игрив дизајн, преку чисто графичко решение со користење на геометриски форми. Во игра беа триаголници, квадрати, кругови. Испробавме многу комбинации на форми и бои. На крајот, лесните, воздушести кругови победија. Нивната асоцијација на балони од сапуница, нѐ асоцираше на детска смеа, на радост. Оттаму и името на брендот Allegra, што значи радост, среќа. Кај логото на Allegra „г“ го поврзавме со „А“ за дискретно да потсетува на насмевка. Сите бевме среќни со ова решение, и тимот од агенцијата кој работеше на овој проект и клиентот.
Иако сите ние кои работиме во маркетинг-агенции, претпочитаме да добиеме јасен бриф за тоа што се бара од нас, некогаш неговото недобивање, ни дава дополнителен простор за креативност. Како празен лист хартија, кој сами ќе го пополнеме. Но, да нема недоразбирања. Тоа е само во случај кога клиентот е подготвен да прифати различни пристапи, нови идеи. Само кога клиентот ни верува нам како на професионалци, дека ќе го понудиме најдоброто можно решение. Во сите други ситуации, најдобро е да добиеме многу јасен бриф.
Со Allegra ја имавме таа среќа, клиентот да ни верува. Преку дизајнот направивме јасен концепт на асортиманот, прецизно ги поделивме различните видови производи по категории, квалитет, ароми. За трослојната тоалетна хартија ја избравме петролеј бојата како основна, а преку бојата на кругчињата се разликуваат белата хартија и хартијата со различни ароми. Кај двослојната хартија, иако петролеј бојата е присутна, доминантна е портокаловата. Сите потребни информации ги поставивме на едно место, за полесно да ги наоѓаат и побрзо да ги читаат потрошувачите. Секако, кругчињата се аплицирани и на тоалетната хартија. Истите принципи ги применивме и кај салфетките и кај кујнската хартијата, само што тука бојата е посилно сина.
Задоволството беше огромно кога за првпат го видовме крајниот производ. Високиот квалитет го оправдува и поддржува убавиот дизајн и обратно. Едното без другото би ја изгубило смислата. Засега единствената хартија кај нас направена од 100% еукалиптусова целулоза, со еколошки ароми нанесени на хилзната, лепила направени од скроб и амбалажа направена од рециклирачки материјали, Allegra поставува нови стандарди во однос на квалитетот и еколошката свест на брендот.
Allegra е на самиот почеток од своето патување. Влезе на пазарот срамежливо, во период на корона-криза, но со голем потенцијал и многу добри поенти за комуницирање. Верувам дека ќе биде уживање и понатамошното работење на маркетинг-комуникацијата, во иста мера како што беше уживање и создавањето на брендот. Како што кажува и слоганот на Allegra – Чиста среќа!